
Претседателката на собраниската Анкетна комисија за скандалот во Клиниката за онкологија, Рашела Мизрахи денеска соопшти дека ќе побара продолжување на рокот за работа на оваа комисија и да се прошири опфатот на периодот на кој се однесува нејзината работа.
На денешниот последен ден за сослушување на сведоци и експерти, како сведоци вторпат се викнати поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, државниот обвинител Љубомир Јовески, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Стево Крстевски, а понатаму, како што рече Мизрахи, ќе се постави барањето до пленумот за проширување на надлежностите и работата на Анкетната комисија.
Мизрахи на прес-конференција во Собранието посочи дека во текот на вчерашниот ден беа објавени нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои, како што рече, „може да се заклучи дека станува збор за основани сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата“. Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија, според Мизрахи, ја наметнуваат потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува вклучително и тековниот период од април годинава на кој се однесува извештајот на Фондот за здравствено осигурување.