Многу членки на ЕУ побараа почеток на преговори со Македонија и со Албанија

Бугарија не попушти ниту на Советот за општи работи, инсистирајќи на блокирање на почетокот на преговори за Македонија. Новинската агенција МИА, според анонимни дипломатски извори, пренесува дека дебатата за проширувањето на министерскиот состанок во Луксембург била интензивна на оваа тема. На Софија и е кажано дека критиките на нејзина адреса за оваа блокада се бројни. Според МИА, бугарскиот претставник на состанокот изјавил дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот меѓу Скопје и Софија“, дека „овој спор е европско прашање“ и дека „Бугарија е во специфична ситуација поради следните избори во јули“.
Сепак, европските дипломати се жалат дека Бугарија не може да гарантира дека ќе го одблокира ветото со политичка влада. Земјите членки кои го поддржуваат проширувањето, дури и пред состанокот изјавија дека се „за“ почеток на преговорите и ја повикаа ЕУ да не ги зема предвид билатералните спорови. Германија смета дека ЕУ треба да стори нешто во врска со ова.
„Потребните одлуки се во сенка на билатералните конфликти. Тие не треба да бидат земени предвид на ниво на ЕУ. Можат да се разговараат во рамките на ЕУ, а ние сме тука, но ова се билатерални проблеми. Комитетот на Федералната влада смета дека Албанија и Македонија ги исполниле условите и конечно можат да започнат преговори и треба да биде јасно дека ЕУ како целина, поддржана од 27 земји-членки, сега испраќа сигнал за спроведување на ветувањата кон државите“, рече Михаел Рот, министер на Германија за Европа.
На иста линија, пред состанокот беше и заменик министерот во Владата на Литванија.
„Исклучително е важно конечно да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија. Се работи за кредибилитетот на ЕУ. Проширувањето е најуспешната политика што ја спроведува ЕУ, па затоа не смееме да ја компромитираме“, рече Арнолдас Пранкевичиус, заменик/ министер за европски прашања на Литванија.
За владеењето на правото се дискутираше и на состанокот на Советот за општи работи. Се најавија две меѓувладини конференции, едната со Србија и другата со Црна Гора, според новата методологија за членство. Министрите се подготвуваат за Самитот на шефовите на земјите-членки што ќе се одржи на 24 и 25 јуни.
Фатлуме Дервиши