Многу судски процеси започнати со години сѐ уште немаат епилог

Стана вообичаено да се одолговлекуваат судските процеси додека не застарат. Иако сме веќе во 2023 година, многу судски процеси кои се започнати со години немаат епилог. Голем број судски седници за некои предмети се закажани само за месец јануари, но семејствата на оштетените изгубиле надеж во правосудниот систем во земјава.
Членовите на семејството и роднините на 16-те жртви во трагичната несреќа во Ласкарци веќе 4 години чекаат да дојде правдата, додека судењето за овој случај продолжува на 24 јануари годинава. Џеват Камбери во оваа трагедија го загуби синот. За АЛСАТ вели дека и годинава не очекува да има епилог.
„Апсолутно не, никогаш нема да имам надеж дека овој случај ќе заврши како што треба. Можам само да им кажам нешто на оние кои ја комплицираат и одолговлекуваат процедурата, јас го изгубив синот и немам како да го сменам ова, но силно верувам дека правдата еден ден, порано или подоцна, ќе ги стигне. Ние членовите на семејството се чувствуваме многу слаби против државата, немаме сила освен да одиме на тие рочишта, кои, за волја на вистината, понекогаш ми изгледаат смешни, од оваа работа нема ништо, не“, вели Камбери.
На 16 јануари ќе се одржи и следното рочиште за модуларната болница во Тетово. На конечна пресуда чекаат и семејствата на жртвите. Ибин Емшиу во оваа трагедија ги загуби таткото и братот.
„Не можам да ги заборавам вресоците кои се слушаа од татко ми и братот како и од другите пациенти кои ги загубија животите во оваа трагедија. Голема болка е да ги слушаш вресоците и да не можеш ништо да направиш. Сите овие одложувања нè доведуваат до сомнеж, се надевам во меѓународна правда дека случајот ќе се расчисти“, рече Емишу.
Повеќе од една година разврска чекаат и повредените од несреќата на Беса Транс во Бугарија, каде животот го загубија 45 лица, а судските рочишта постојано се откажуваат, одложуваат или завршуваат без конкретни резултати. Во разговор со семејствата на жртвите,тие рекоа дека се сомневаат дека судскиот процес намерно се одложува, во обид да се спасат виновниците. Се одлоговлекуваат и случаите за политичарите. Судењата за Драги Рашковски и Мухамед Зеќири ќе продолжат овој месец, а Сашо Мијалков е многу блиску да биде спасен од затвор за случајот Титаник 2.
Ардит Рамадани