ВЕСТИ

Многу украински градови и натаму цел на руски напади

Украинските власти соопштија дека најмалку осум лица загинале кога бил бомбардиран трговски центар и куќи во Киев. Градоначалникот на Киев најави полициски час во главниот град до среда наутро.

Advertisements

„Непријателот продолжува со нападите врз главниот град. Спасувачките екипи непрекинато работеа на гаснење на пожарот во населбата Подил, каде како резултат на бомбардирањето изгоре трговскиот центар, а оштетени се и шест станбени згради. Осум лица го загубија животот. Оштетени се две училишта и две градинки. Поради пожарите по воздушните напади во главниот град и регионот, констатирано е големо загадување на воздухот, затоа не отворајте ги прозорците, а кога излегувате надвор носете маски. Ги повикувам жителите на Киев да не снимаат или објавуваат видеа од контролни пунктови и стратешки објекти. Не помагај му на непријателот“, рече Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.

На луѓето им беше советувано да се засолнат откако беше оштетен резервоар тежок 50 тони со отровен гас по бомбардирањето во хемиска фабрика во близина на градот Суми, предизвикувајќи истекување на токсичен амонијак.

Нападите продолжуваат и во други украински градови. Харков од почетокот на окупацијата е под опсада на руските сили, а нападите врз овој град секојдневно се немилосрдни. Украинските власти соопштија дека најмалку пет цивили се убиени во неодамнешните руски бомбардирања.

„Беше навистина страшно. Не можам да го опишам чувството, стравот за моето семејство“, вели еден украински војник.

Украина, пак, го одби рускиот ултиматум да го предаде градот Мариупол, каде што се верува дека се блокирани околу 300.000 луѓе. Ситуацијата таму е пред хуманитарна катастрофа бидејќи храната и медицинските материјали се при крај.

Десет милиони луѓе, повеќе од една четвртина од населението, веќе ги напуштија своите домови во Украина поради руската „разорна“ војна. УНХЦР соопшти дека повеќе од 3 милиони Украинци ја напуштиле земјата, додека повеќе од шест милиони се верува дека се внатрешно раселени.

Арта Тахири

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button