МНР потврди дека тројца руски дипломати се прогласени за непожелни во земјава

Македонското Министерство за надворешни работи ја потврди веста дека тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата, односно за непожелни во земјава од страна на македонските власти.
Во краткото соопштение на МНР стои дека на ваквиот чекор се решиле по информациите што ги добиле од надлежните органи за преземени активности спротивни со Виенската конвенција за дипломатски односи.
„На 12 септември во Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота со која тројца дипломати во амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata). Ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за преземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, соопшти МНР.