МНР предлага црните листи на САД и Британија да се процесираат и тука

Министерството за надворешни работи ги презентираше измените во Законот за рестриктивни мерки со кои лицата од црните списоци од САД ќе се процесираат и во правниот систем на нашата земја. Според министерот Османи, законот, покрај другите прекршоци за кои во моментов се предвидени рестриктивни мерки, опфаќа и корупција, злоупотреба на службената положба и хибридни закани кон државата. Османи објасни дека со новиот закон, доколку Владата го повика Јавното обвинителство за кое било лице од американската листа, тоа е должно да започне истражна постапка. Со отпочнувањето на постапката се предвидува да започне и постапка на конфискација на имотот на граѓаните кои се под санкции на САД.
„Институцијата предлагач мора да ги испрати сите материјали и докази до Јавното обвинителство. Врз основа на овој закон, Јавното обвинителство е должно веднаш да започне истражна постапка, а доколку оваа истражна постапка заврши со поднесување обвинение, тогаш носителот на јавната функција е должен привремено да ја напушти функцијата, до правосилна судска одлука. Но, ако се работи за правни лица, тогаш тие не можат да учествуваат во јавните набавки, доколку има таква одлука, до правосилна одлука на судот“, рече Османи.
Досега основа за рестриктивни мерки беа само одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации, правните акти на ЕУ и се однесуваа само на тероризмот и ширење на оружје. Со новиот закон, покрај правните акти на САД, се додаваат и оние на Обединетото Кралство. За законските измени Владата ќе одлучува на следната седница, а една недела подоцна се очекува да бидат пратени на гласање во Собранието.
Ајнур Бафќари