МОФ: Надлежните да утврдат дали има незаконско работење на Универзитетот во Тетово

Младински образовен форум, како организација која повеќе од 20 години работи на полето на квалитетни образовни и младински политики, изразува загриженост во врска со наодите споделени од неколку медиуми поврзани со Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).
Во реакцијата од МОФ меѓудругото се додава:
Според публикацијата „Веритас“, може да се увиди дека професори на овој државен универзитет направиле плагијат, односно искористиле туѓо дело прикажувајќи го како свое. Со ова, членовите на академската заедница не само што постапиле нечесно, туку и постапиле спротивно на духот на начелата на Законот за високото образование. Истражувачкиот труд на Интелектуалната иницијатива за зголемување на квалитетот во универзитетското образование посочува дека Медицинскиот факултет при ДУТ е еден од упориштата за непотизам, плагијат, купопродажба на оценки, антиакадемска заедница и „интелектуална“ мафија.
Oчекуваме надлежните институции како што се Државниот просветен инспекторат, Државната комисија за спречување на корупција, раководството на Државниот универзитет во Тетово, Министерството за образование и наука, како и други државни органи, да постапат во рамки на своите овластувања и надлежности и да утврдат одговорност на оние кои работеле спротивно на Законот и академските вредности и принципи.
Се надеваме дека овој случај нема да застане само на јавно споделување и известување, туку дека ќе се работи во насока на спречување на корупцијата од секаков вид во рамки на високото образование, но и на охрабрување на студентите и младите воопшто – да реагираат за овие и ним слични коруптивни појави и практики, наведуваат од МОФ.