Молк во ДУИ за важноста на „балансерот“ за вработување

Претставниците на ДУИ во Владата молчат за балансерот за вработувања во јавните и државните институции. Откако вчера вицепремиерката Славица Грковска изјави дека балансерот е безвреден и оти се злоупотребува за вработување граѓани со различна етничка припадност, од ДУИ денеска не се огласија. Вицепремиерот Артан Груби не одговори на прашањата. Од албанската опозиција велат дека со правичната и соодветната застапеност, земјава сè уште е далеку од целта и по апсолутни бројки и по хиерархија.
„Алијанса за Албанците постојано ги осудуваше злоупотребите на балансерот во однос на планирањето нови вработувања и манипулации со квотите за заедниците. Сметаме дека треба да се направи детална анализа на овој систем за секоја државна институција за да се избегнат злоупотребите. Треба да се изврши комплетна ревизија на системот и да се формира контролен механизам кој ќе ги проверува информациите пред да бидат обработени од балансерот“, велат од АА.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со оглед на актуелната состојба, на државата ѝ требаат квалитетни и професионални, а не партиски вработувања.
Системот за балансирање има за цел да обезбеди правична и соодветна застапеност на етничките заедници во институциите. Но, во последниот период само Алсат објави голем број случаи кога граѓани од една етничка припадност се изјасниле дека припаѓаат на друга само за да се вработат во огласи на државни институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и други. Најновиот случај на манипулација објави Антикорупциска комисија, кога на нивен конкурс граѓанин се пријавил дека припаѓа на друга етничка група за да добие работно место.
Мефаил Исмаили