Молк за средбата на историчарите, имало дијалог и позитивна атмосфера

Без никаква информација дали е постигнат договор за текст за учебниците за периодот на Средниот век и Цар Самоил заврши 18-тата средба на Мешовитата историска комисија, од која се очекуваше огромен напредок.
„Средбата помина во позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за ХI и XII век“, изјаваат од Мешовита историска комисија
…Се вели во кусото соопштение. Историчарите од македонска страна не застанаа пред камерите, додека пак Бугарите рекоа дека сè што имаат да споделат е во соопштението, па не одговорија ниту дали се задоволни од состанокот.
„Човек секогаш од нешто е задоволен. Еве времето се оправа. Ви благодарам“, изјави Ангел Димитров – бугарски историчар
Пред средбата Димитров потврди дека текстот за заедничко чествување на Цар Самоил е „веќе завршена работа“, но остана нејасно дали истиот текст би се користел и во македонските учебници за што денеска се преговараше. Текстот за заедничко чествување на Цар Самоил во 2019-тата година го споделија бугарските историчари и според нив формулацијата гласи дека Цар Самоил е наследник на бугарската царска традиција, чија престолнина се наоѓала на територијата на Македонија. Македонските историчари не даваа согласност истиот текст да се препише и во учебниците.
Инаку, вчера бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека е постигнат огромен напредок во работата на историчарите и деталите наскоро ќе бидат познати. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека процесот е нетранспарентен.
„Граѓаните на Република Македонија за текот на преговорите се информираат од изјавите на бугарските политичари во медиумите, а не од Ковачевски или Османи, кои се должни да реферираат и во Собранието и пред граѓаните… Ковачевски и Османи да кажат кој е напредокот поради кој Бугарија се радува, а Македонија молчи?“, изјави Драган Ковачки – ВМРО-ДПМНЕ
Наредната средба на историчарите е закажана за 12-ти мај во Софија. /Алсат.мк
Лука Андреев