Молк за уапсените осомничени терористи, МВР не открива детали

Осумтемина осомничени припадници на терористичката група кои планирале напади во земјава, преноќија зад решетки. Кривичниот суд им одреди 30 дневен притвор поради опасност да избегаат, да влијаат врз сведоци или да уништат докази против нив. Денеска полицијата не откри повеќе детали за терористичката група. Алсат праша во Министерството за внатрешни работи дали евентуално биле вмешани во други напади надвор од Македонија? Одговор не добивме.
Ниту од Обвинителството за гонење на организиран криминал од каде работат на истрагата, не откриваат никакви информации со образложение дека истрагата е тајна. Засега не се знае дали уште лица се вклучени во шемата на терористичката група. Полицијата и тајните служби во координација со обвинителството неделава ја уапсија групата.
За нив се тврди дека планирале напади на јавни објекти, убиства и изработка на самоубиствени појаси, а целта според истражните органи, била да се создаде чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Имале свое оружје, муниција, воена опрема и самите направиле импровизирани бомби. Група дури и ја тестирала својата опрема. Првоосомничениот, кој ја создал терористичката група, веќе учествувал во паравоени формации како припадник на терористичката организација ИСИС во Сирија. 11 припадници на групата се осомничени за кривичното дело „терористичка организација“, за кое според кривичниот закон казната е до 10 години затвор.
Игор Стефановски