МОН допрва ќе анализира за незаконските директори во училиштата во Струшко

Незаконското назначување на директори во повеќе основни училишта во Струга и струшко ќе чека на разгледување во Министерството за образование. Извештаите на Обвинителството и на Антикорупциската комисија по сè изгледа не се доволна причини за министертот за образование, Јетон Шаќири, да му ги одземе ингеренциите на струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко во сферата на образованието. Тоа го побараа и од Алијанса за Албанците.
„Министерството за образование и наука со писмен допис се обрати до општина Струга со цел обезбедување на информации за сите предмети кои се актуелни во јавноста и врз основа на одговорот, ќе донесеме соодветни одлуки за што дополнително ќе информираме“, наведуваат од Министерството за образование.
Дека незаконското назначување на директор во училиштето во селото Велешта, не е единствен случај, потврдија и од Јавното обвинителство и од Државната комисија за спречување на корупцијата. Тие доставија и иницијатива за кривично гонење на Мерко за злоупотреба на службената положба и овластување.
„По извршени дополнителни проверки од евиденциите на ДКСК за пријави од областа на образование, а кои се однесуваат за територијата на општина Струга, констатирано е дека од 2019 до последното ажурирање денеска, има вкупно 3 пријави во кои се опфатени 5 лица (вкупно се 6 лица но едно лице со исто име и презиме е опфатено во две пријави)“, рекоа од ДКСК.
Поранешниот просветен инспектор, Ѓорѓи Илиевски неодамна за Алсат откри дека случајот со Велешта не е единствениот во Струшко и оти примери со незаконско назначување на директори има и во основните училишта во селата Подгорци и Лабуништа, како и во основното училиште Браќа Миладиновци во Струга.
Мики Трајковски