МОН ги заборави студентите, со месеци немаат пари за оброк

Поради економската криза цената на студентската храна останува иста, но додатоците кои студентите ги добиваат доцнат. На крајот на февруари студентите чекаат да завршат бирократските процедури, да ги добијат надоместоците за јануари. Претставниците на Форумот за промени во образованието на средба со министерот побараа зголемување од 120 на 150 денари.
„Во моментов додека зборуваме делот од оброците за месец јануари сè уште не им е пуштен на студентите, додека за месец февруари исплатата ќе треба да се изврши во месец март, но проблемот што го имаме како невладина организација е дека сумата што се издвојува за храна е многу мала, во однос на инфлацијата на цените на храната што е зголемена кај нас. Значи на студентите месечно им се даваат околу 2.400 денари затоа што им следуваат 120 денари на ден, а тоа е многу малку во однос на инфлацијата“, рече Бленди Ходаи, Форум за промени во образованието.
Министерот Јетон Шаќири вети дека студентите деновиве ќе ги добијат парите за оброци, а можно е и евентуално зголемување по анализите направени со Министерството за финансии. Вели дека новиот оперативен модел давал простор за повеќе пари, но не оваа академска година.
„Во моментов е усвоен буџетот за оваа година, имаме обезбедени средства за да одговориме на потребата и побарувачката за претходните месеци, а тоа е студентскиот оброк, во претходниот износ, во новиот предлог-закон се расправа и се анализира со Министерството за финансии да видиме каква ќе биде можноста. Но, моделот на користење ќе даде можности за раст, затоа што сега се користи во друга форма, а не за студентски оброк…“, рече Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Новиот модел се очекува да стартува од новата академска година, а тој на студентите би им овозможил да користат картички за хранење преку кои би добиле попусти во угостителски капацитети кои ќе имаат договор со Министерството за образование.
Ајнур Бафќари