Морбиден инцидент на паркинг местото на претседателката на Уставен

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска вчера во полиција пријавила загрозување на сигурноста. Таа до нејзиното паркинг место, во близина на својот дом, пронашла импровизиран кревет и кујнски нож. Од полицијата потврдија дека веднаш за настанот било известено и Обвинителството. Портпаролката на Уставниот суд информира дека Кацарска и претходно добивала закани кои сепак решила да не ги пријавува во полицијата. Од Уставниот суд повикаа надлежните да го расчистат случајот и да се утврди дали станува збор за случајност, невкусна шега или пак закана. Од Судот не дадоа одговор дали настанот може да се поврзе со опожареното возило на директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, со оглед на фактот дека тој претходно работел како поротник. Заедно со Кацарска, тој судел во предметот „27 април“ и други случаи покренати од тогашното СЈО.
„Има закани на социјалните мрежи упатени лично кон неа, коишто се уште се достапни и верувам дека и тие ќе бидат проверени , меѓутоа претседателката не сакаше да се реагира за ниту еден од тие инциденти се до моментот вчера кога беше пронајден и нож на нејзиниот личен имот“, рече Христина Беловска – портпарол на Уставен суд.