
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа упати критики до неговиот украински колега Володимир Зеленски во врска со неговите забелешки дека бил изоставен од разговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на војната во Украина.
Тој, говорејќи во Флорида вчера вечер, рече дека Украина можела да направи договор за да се избегне војната, но не го сторила тоа, а дел од неговите забелешки британски „Гардијан“ ги толкува како обвинувања кон Киев дека тој е виновен за инвазијата на Москва, пред речиси три години.
Претседателот на САД во обраќањето кажа дека е посигурен оти разговорите меѓу САД и Русија што одржаа во Саудиска Арабија може да доведат до постигнување договор за завршување на војната.
„Многу сум разочаран, слушам дека се вознемирени поради тоа што немало место за нив (на разговорите). Денес слушнав: ‘Не бевме поканети’. Па вие сте таму три години…Никогаш не требаше да ја започнете (војната). Можевте да направите договор“, рече Трамп пред новинарите во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида прашан за украинската реакција по разговорите меѓу високите претставници на САД и Русија во Ријад.