
Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов заминува, а на негово место доаѓа нов претседател на македонскиот ракомет.
По долги 12 години работа, Мукаетов реши дека е време да се повлече од претседателското место и да го отстапи на некој друг. Федерацијата под водство на Мукаетов финансиски се стабилизира, нема долгови, а ракометниот тим оствари континуитет на големата сцена, нема пропуштено светски или европски настан од 2012 година.
Новиот претседател на македонскиот ракомет кој доаѓа на местото на најуспешниот претседател на федерацијаа во историјата ќе биде крунисан на Собранието, закажано денес напладне во просториите на Град Скопје.
Како единствен кандидат засега е потврден Александар Стефанов.
Стефанов е поранешен ракометар и сегашен главен спонзор на ракометниот суперлигаш Бутел Скопје, преку компанијата Фабрика Карпош АД Скопје каде е член на Управниот одбор.
Новиот претседател на РФМ ќе биде шести во историјата, а покрај Живко Мукаетов (2013-2025), со функцијата раководеа Михајло Михајловски (2008-2013), Трифун Костовски (2003-2008), Душко Кадиевски (1999-2003) и Иван Бојков (1989-1999).