Муртезани: Наша одговорност е уставните измени да бидат последниот билатерален услов

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани го повтори ставот на Владата во контекст на евроинтеграциите дека останува на предлогот за уставни измени со одложена примена и дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања.
-Јасно е дека нема начин како да се избегнат уставните измени, меѓутоа наша одговорност е тие уставни измени да бидат последниот билатерален услов. За нас нема проблем ако сите земји членки имаат дополнителни барања, меѓутоа тие да бидат во склоп на реформите и европските стандарди, а да не бидат претворени во блокади и да не содржат билатерални прашања, вели Муртезани прашан за пораките испратени од претседателот на ЕС Антонио Кошта и премиерот за време на нивната заедничка прес-конференција во Скопје.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за време на посетата на Скопје на заедничката прес конференција со премиерот Христијан Мицкоски, порача дека ЕУ очекува земјава да го исполни договореното за отпочнување на преговорите за членство во Унијата.
Прашан дали се работи на друг предлог, освен тој за уставните измени со одложено дејство, тој посочи дека власта инсистира на тоа да нема натамошна билатерализација на пристапниот процес и потсети на изјавата на Мицкоски дека е подготвен за разговори. -За тоа да се случи неопходно е прво да и веруваме на ЕУ, и да почнеме да градиме меѓусебна доверба со Бугарите, вели Муртезани.