Муса: Преземање акција, а не декларативни изјави во борба против корупцијата
Муса: Преземање акција, а не декларативни изјави во борба против корупцијата

Корупцијата не е нешто што државата може да направи веднаш да исчезне, таа не се решава ниту наративно со изјави, корупцијата е сложена работа која кај нас постои со децении, вели за Алсат поранешниот антикорупционер Ариф Муса, коментирајќи ги изјавите на премиерот Мицкоски дека еден од главните приоритети на оваа Влада е токму борбата против криминалот и корупцијата. Според Муса, борбата против корупцијата може да се искорени единствено преку преземање акција, а не преку декларативни изјави.
„Она мора да започне сега по мое видување со испитување на имотната состојба на сите луѓе што се биле на власт и имаат податоци во државната комисија за спречување на корупцијата од 2002 или 2003 наваму, од кога е донесен законот и од кога е стапен во сила законот за спречување и борба против корупцијата. Значи оваа работа е вистинска, нема овде декларативни изјави или да речеме некои изјави за политички потреби„, рече Ариф Муса, поранешен антикорупционер.
Муса смета и дека за да се врати довербата кај граѓаните, потребно е побрзо расчистување на предметите од страна на надлежните органи.
„Владата би требала започнувањето на еден сегмент од корупцијата да го дотера до крај, да има исход, ако нема исход како досега што нема исход скоро на ниедно поле, значи со пет години, шест години да трае еден предмет за корупција во органите што се надлежни за борба против корупцијата. Тогаш овде нема да биде довербата на граѓаните доведена во прашање. А вака, со децении, со изјави, не не бива, не можеме да ја сузбиеме корупцијата„, додаде Ариф Муса, поранешен антикорупционер.
Уште од доаѓањето на власт, премиерот Мицкоски најави жестока битка против корупцијата на секое поле, а во својата вчерашна изјава по повод 33 години независност на државата, тој порача дека „презема лична обврска бескомпромисно да ја води оваа борба со непоколебливост и со одлучност, нагласувајќи дека таа е проблем на целото општество кој мора да биде искоренет. Владата веќе бараше и распуштање на судскиот совет, а најавија и формирање на посебно тело и отворање на телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да пријават корупција или девијантно однесување во институциите, а со цел, како што нагласуваат, на тој начин да се врати довербата на граѓаните во правосудните органи која сега изнесува само два проценти./Алсат.мк
Михаило Донев