Муслиманските верници ги наполнија џамиите во земјава

По 30 дена пост, молитва и други верски обреди, муслиманските верници денеска во раните утрински часови отидоа во џамиите да го клањаат намазот Рамазан Бајрам. Џамиите низ државата беа преполни, како што е вообичаено за овој верски празник. Централниот настан во Скопје беше организиран во Мустафа-пашината џамија. Поглаварот на Исламската верска заедница Шаќир Фетаху, рече дека верниците со постот ја докажале својата непоколеблива верба во Бога.
„Постот на месецот Рамазан, како и знаењето, истражувањето, медитацијата во текот на овој месец, го отвори патот за нашите молитви кон Семоќниот Алах за да го прифати нашиот пост, нашите молитви и сите молитви кои сме ги упатиле до големиот Бог, за нашиот индивидуален, семеен и социјален живот. Затоа денес сме навистина среќни и радосни. Го молам Семоќниот Алах овој голем ден да биде ден на мир, ден на толеранција, ден на солидарност, на зближување меѓу луѓето“, рече Шаќир Фетаху, претседател на ИВЗ.
Фитр Бајрам е неработен ден за сите граѓани на државата. Честитки му упатија и врвот на државата и политичките лидери.
„Со празнувањето на овој, како и на другите верски празници, испраќаме јасна порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, разбирањето и меѓусебното почитување се столбовите на општеството во државата“, вели претседателот Стево Пендаровски во честитката.
Претседателот на Собранието Талат Џафери посака „празничниот дух да донесе мир и спокојство и да води кон градење меѓусебно почитување, чувство за солидарност и хуманост“.
Премиерот Димитар Ковачевски, им посака на верниците „овие празници да ги поминат со радост и мир во своите домови, во добро здравје и духовна сила“.
Фатлуме Дервиши