Муслиманските верници утре го слават Фитр Бајрам

Муслиманските верници утре го слават Фитр Бајрам. Овој празник го симболизира крајот на светиот месец Рамазан. Поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаи, во Бајрамската порака, рече дека празникот е можност за зајакнување на врските со роднините, за меѓусебно почитување и грижа за оние на кои им е потребна помош.
„Во текот на овој месец, нашите срца беа исполнети со верба и знаење, го подигнавме моралот, почитта, солидарноста, хуманоста, толеранцијата и мирот. Овој месец не охрабри да работиме за мирна, светла и позитивна иднина. За верникот, празникот Фитер Бајрам е кулминација на овие заложби и ден на голема радост. Тоа е ден на победата на верата над неверието, победа на доброто над злото, победа на знаењето над незнаењето, победа на мирот над војната, победа на солидарноста над поделбите, победа на почитта над омразата и победа на човечноста над нечовечноста. Фитер Бајрам е посебен ден, ден кој ја истакнува нашата длабока благодарност за нашата посветеност на Семоќниот Алах. Затоа, нека овој празник биде можност да ги зајакнеме нашите врски со другите, да изразиме љубов и почит кон нашите семејства, да подадеме рака за помирување и да се грижиме за оние на кои им е потребна помош“, рече Шаќир Фетаи, претседател на ИВЗ.