ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Муцунски: Има различни ставови на средбите со странските претставници, но целта е иста – што побрзо членство во ЕУ

Муцунски: Има различни ставови на средбите со странските претставници, но целта е иста - што побрзо членство во ЕУ

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски „притисокот е релативна работа“. Тој ова го одговори на прашањето дали зачестените средби од изминатиов период со претставници на меѓународната заедница може да се оценат како притисок кон партијата да го промени ставот за уставните измени. Во интервју за Алсат телевизија Муцунски кажа дека на средбите се искажуваат различни ставови, но дека целта е иста – што побрзо членство на Македонија во ЕУ.

Advertisements

-Последниот период имаше голем број на посети од претставници на меѓународната заедница, од претставници на Европската Унија и земјите-членки, од САД и во таа смисла постојано имаме редовна комуникација со дипломатските претставници коишто се и во Македонија. Основна тема на дискусиите последниов период, односно главна тема секако беше прашањето за уставните промени. Притисокот е многу релативна работа. Јас тоа што би го кажал е дека со заемна почит, со разбирање, секогаш дискутираме по однос на ставовите коишто ги имаме. Ставовите за конкретните прашања знаат да ни бидат различни, како што е ставот по однос на уставните промени во моментов, но јас тоа што би го потврдил е дека крајната цел на сите ни е иста. Посакуваме Македонија што побрзо да стане полноправна членка на Европската Унија. Тоа е став којшто има историска врска и со постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Муцунски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека под вакви услови, партијата воопшто нема да дискутира за уставните измени и сподели детали од решението што ќе биде понудено. Според Муцунски, на државата и се потребни правна и политичка сигурност дека успешно ќе ги заврши пристапните преговори.

-Ние не ја гледаме надворешната политика на начинот на којшто ја гледа оваа Владата, којашто има континуитет од 2017-тата година. Тие надворешната политика ја практикуваат на начин којшто значи попустливост во своето однесување. Односно, целосно прифаќање на барањата коишто ги има другата страна, со којашто имате некој спор или некој политички конфликт. Претседателот Мицкоски во неколку наврати ги има презентирано контурите на едно такво решение, коешто секако на еден начин ќе биде инкорпорирано во нашата идна изборна програма – гаранции од европските институциите, социо-економски пакет којшто ќе помогне да се раздвижи нашата економија во вакви тешки времиња и прифаќање од страна на Бугарија на дел од пресудите на Европскиот суд за човекови права, коишто и така се облигаторни во делот на обврската што Бугарија ја има за нивна примена. Што значи, ние мора да разговараме за воспоставување механизам, каде што Македонија ќе има политичка и правна сигурност во насока на успешно завршување на пристапните преговори, кажа Муцунски.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button