Муцунски: Ќе се менуваат членовите на комисиите за соработка со Бугарија и Грција

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е разочаран од шефот на заедничката комисија за историја со Бугарија, Драги Георгиев, поради неговите неодамнешни ставови. Тој, без да го именува Георгиев, рече дека научниците биле избрани да работат научна работа, а политиката треба да им биде оставена на политичарите.
Дел од членовите на двете заеднички комисии со Бугарија, и со Грција, ќе бидат сменети. Сепак, Муцунски вели дека нема да се сменат сите. Одлуката за новите имиња се очекува за неколку недели.
Заедничката комисија со Грција беше формирана по Преспанскиот договор за следење на неговата имплементација. Заедничката историска комисија со Бугарија беше формирана за да ги дефинира и спорните историски прашања меѓу двете земји, но последниве години немаше речиси никакви постигнувања од заедничките состаноци. Георгиев одговори на обвинувања од Мицкоски дека членовите на комисијата не ги бранеле националните интереси – тој рече дека е некоректно и неправедно, некој што не ја познава работата на Комисијата да дава паушални изјави и да ги навредува членовите на Комисијата.
Фатлуме Дервиши