Муцунски не очекува резолуцијата во ОН да има последици врз патот кон членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски не очекува резолуцијата во Обединетите нации за Украина, која беше подготвена од САД, а на која земјава беше коспонзор, да донесе последици за нашето членство во ЕУ.
– Искрено не очекувам. Факт е дека сојузници некогаш по однос на некои прашања може и да не се согласуваат, но факт е дека дента по оваа резолуција кога САД и Франција беа на спротивставени страни, претседателот Макрон отиде во Белата куќа кај претседателот Трамп и кажа дека Франција и САД секогаш се на вистинската страна на историјата. Факт е дека овие земји-членки, дел од нив можеа да гласаат и против оваа резолуција во Советот за безбедност, а дури и дел од нив можеа и вето да стават, а одлучија тоа да не го направат, рече Муцуснки во синоќешното гостување на ТВ21.
Шефот на дипломатијата кажа дека украинската резолуција престанала да важи под принципот на заедничката надворешна безбедносна политика на ЕУ.
-Во моментот кога ЕУ изгуби консензус по однос на украинската резолуција, таа беше првата резолуција којашто беше поднесена. Таа резолуција престана да важи под принципот на заедничката надворешна безбедносна политика на ЕУ. Прво се појави украинската резолуција и по нејзе имаше консензус и ние во тој момент бевме подготвени да поддржиме, по таа резолуција се појави втора резолуција на САД. Во меѓувреме се изгуби консензусот во рамките на ЕУ. Што значи не е таа резолуција институционално поддржана од ЕУ, вели Муцунски.
Посочи дека кога е во прашање Украина, „ние сме еден од најголемите нејзини придонесувачи од моментот на отворање на овој конфликт’.