Муцунски: Природно е ДУИ да види како е во опозиција, да доживее внатрешна катарза и реформирање
Муцунски: Природно е ДУИ да види како е во опозиција, да доживее внатрешна катарза и реформирање

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, во интервју за Алсат телевизија, истакна дека водството на партијата на анкетите е резултат на две години макотрпна работа во локалната самоуправа, иако со многу препреки од страна на централната власт.
-Но таа наша работа е насочена кон остварување на ветувањата и е чесна и транспарентна работа пред граѓаните. Сето тоа резултира анкетите да покажуваат се поголема доверба во ВМРО-ДПМНЕ и наша очекувана победа, којашто секако мора да биде врз основа на добра програма, добра кадровска понуда и сето она што ќе значи еден план, еден концепт за развој на иднината на Македонија. Наше очекување е дека по одржувањето на тие избори, независно дали ќе бидат предвремени или редовни, одговорноста за сето тоа е кај парламентарното мнозинство, претседателот Мицкоски ќе биде мандатар за формирање на идната Влада и мандатар којшто ќе дискутира со политичките субјекти, сите коишто ќе бидат парламентарни, за формирање на Влада врз основа на политики, критериуми, добра кадровска понуда и сето тоа што е значајно за да ја движиме нашата држава во правецот којшто е посакуван за сите, истакна Муцунски одговарајќи на прашањето дали очекува при формирањето владејачка коалиција како услов од страна на останатите партии да бидат поставени уставните измени.
Муцунски ги сподели и личните видувања за коалицискиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ, но додаде дека разговорите што ќе ги води претседателот на партијата Мицксоски како мандатар, ќе бидат врз основа на политики и вредности.
-Ако ме прашате за мојот субјективен и личен став, јас велам дека најдобрата опција којашто ВМРО-ДПМНЕ ќе ја има е со претставниците на албанската опозиција за ДУИ да го добие тоа место што е природно во моментов за нејзе како политички субјект – да ја види малку опозицијата, да може да доживее, веројатно по тој процес, една внатрешна катарза, која ќе значи реформирање на партијата и некој ден повторно да има амбиција и цел да биде владејачка партија. Резултатите од изборите и бројките во следното Собрание ќе го покажат вистинскиот патоказ. Тоа што е значајно и тоа што можам да ги уверам сите наши граѓани, посебно тие што го гледаат ова интервју, дека секоја дискусија што ние ќе ја имаме со сите политички субјекти по одржувањето на парламентарните избори, ќе биде дискусија врз основа на вредност, политика и кадровски потенцијал, рече Муцунски.