МВР анализира информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на Вања и Панче

Министерството за внатрешни работи разгледува, анализира и обезбедува докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски за кој осомничени се пет лица, меѓу кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски во гостување денеска во емисијата „Слободен печат“ на Слободна ТВ, рече дека МВР максимално посветено ќе постапува за се што Јавното Обвинителство ќе побара од нив. Тој додаде дека во истрагата за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, МВР следело стандардни оперативни процедури.
-Истрагите во двата случаи се почнати и водени според сите стандардни оперативни процедури од моментот на пријавата, па се до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај. Сметам дека сите активности што се преземени се за почит. Сите што беа вклучени во истрагата од самиот почеток па до ден денеска, ја водат истата без штедење со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината, рече Спасовски.