МВР: Безбедноста во сообраќајот на прво место

МВР и РСБСП продолжуваат со засилени едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и со засилени контроли на сообраќајната полиција, се со цел заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот на прво место.“ „ Не го потценувај заморот. Вози одморен! “ „Не вози под дејство на алкохол. “ Намали ја брзината, затоа што брзото возење изнудува грешки кои завршуваат фатално!“ се дел од пораките кои МВР и РСБСП овој викенд ги упатуваа до учесниците во сообраќајот во Битола со цел подигање на свеста за важноста и за потребата од одговорно и безбедно учество во сообраќајот.
МВР и РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни и да разберат колку е важно да се почитуваат сообраќајните правила и прописи затоа што само на тој начин, преку јакнење на колективната свест, и колективното разбирање може да го направиме сообраќајот побезбеден за сите.
Од МВР најавуваат дека продолжуваат превентивните и репресивните активности.
„Наша цел е да допреме до сите граѓани. Во активностите кои што ги реализираме со РСБСП ги потсетуваме граѓаните дека безбедноста во сообраќајот, покрај другото е лична обврска и лично право на секој учесник во сообраќајот, и секој кој што учествува во сообраќајот е должен да ги почитува сообраќајните правила и прописи. Најголем дел од граѓаните се одговорни и совесни учесници во сообраќајот, но за жал се уште имаме учесници во сообраќајот кои возат под дејство на алкохол, управуваат моторно возило без возачка дозвола или ги прекршуваат правилата за ограничување на брзината. За ваквите возачи нема место во сообраќајот и ќе бидат санкционирани и отстранети од сообраќајот”, изјави Тони Ангеловски,портпарол на МВР.