МВР ќе „лови“ сообраќајни прекршоци со две возила пресретнувачи
Бележаните видеозаписи се складираат во тврд диск кој е поставен во задниот дел од возилата и тие подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции, велат од МВР

Сообраќајните прекршоци како што се минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување од денеска полициските службеници ќе може да ги контролираат со две возила кои се опремени со системот „Пол кам“ (PolCam), информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Системот, според МВР, е незаменлив, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.
Од МВР објаснуваат дека уредот во возилата овозможува видеозапис од 25 фотографии во секунда, карта на која се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци. Интегрираните уреди се од полската компанија „Пол кам“ кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци.
„Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок“, информираат од МВР.