МВР ќе соопшти детали по целосно завршување на акцијата во Арачиново, неофицијално – откриени 2 тона марихуана

Полицијата запленува марихуана во Арачиново. Од МВР засега не откриваат повеќе детали, освен дека заплениле голема количина марихуана.
„Уште се постапува во врска со акцијата во која е запленета поголема количина марихуана. Кога акцијата ќе заврши целосно, ќе соопштиме повеќе информации“, рекоа од МВР.
Неофицијално запленети се приближно два тона марихуана, која се поврзува со кражбата пред пет дена од склад во селото Јосифово кај Валандово. Тогаш камион натоварен со околу два тона цвет од марихуана, инаку легално произведен, беше украден од склад на фирмата Ghio шпедиција.
Украдената марихуана од Јосифово, од југот, поминала 130 километри за да заврши во Арачиново, каде полицијата вршеше претрес на повеќе локации.
Вчеравечер полицијата детално проверуваше возила во Арачиново. Сепак, оваа полициска проверка е само мал дел од акцијата на МВР. Според информации на Алсат, главната полициска акција била во селото Мојанци, близу Арачиново. За подоцна попладнево МВР најави прес-конференција за случајот.
Игор Стефановски