ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

МВР негира дека не соработувале со Русковска – „Сè ѝ дадовме!“

МВР секогаш имало одлична соработка со Обвинителството за гонење организиран криминал, вели министерот Оливер Спасовски. Тој ги демантира информациите што се појавија во дел од медиумите дека во предметот на ова Обвинителство, за Станицата за технички преглед на Беса-транс, Министерството за внатрешни работи не ги доставило сите побарани материјали. Токму овој е еден од предметите што ги покрена обвинителката Вилма Русковска, која во моментов е суспендирана. Наводно, било предложено Станицата да се затвори поради утврдени неправилности, а токму во неа бил регистриран автобусот на Беса транс што се запали во Бугарија. Станицата беше затворена после трагедијата.

Advertisements

„Сè што е потребно има во Обвинителството и тие материјали се доставени, така што не станува збор за никакво криење на документи или било што… Туку сè што е побарано е предадено во Јавното обвинителство“, рече Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.

Вториот предмет на Русковска, чија судбина е сè уште неизвесна е оној за работењето во Управата за финансиска полиција, кој всушност ја иницираше одлуката за суспензија на обвинителката. Откако републичкиот обвинител Љубомир Јовески утврди низа неправилности во претресот што Русковска го спроведе во Управата, тогашниот директор на Финансиската полиција Арафат Муареми реши да и поднесе кривична пријава. Поради пријавата, Јовески ја суспендираше Русковска од работното место, а многумина експерти овој судир го оценија за тежок удар врз функционирањето на правосудниот систем. Министерот за правда, Никола Тупанчевски реши да не ги коментира односите Јовески-Русковска и рече дека очекува институционална разврска. На изјавата на Русковска за можни притисоци, тој ја повика да поднесе пријава.

„Има начин на којшто може да се реагира и треба да се реагира институционално. Ако се врши притисок се знае до кого треба да биде тоа алармирано или до кого да биде поднесена информација – зошто притисок, кој врши притисок, колкав е тој притисок… Затоа што одредени форми на притисок претставуваат сегмент од злоупотреба на функцијата“, рече Тупанчевски.

За суспензијата, Русковска изјави дека е тоа не е суспензија против неа, туку суспензија на правото и правдата. За нејзината жалба на ваквото решение на Јовески, утре ќе одлучува Советот на јавни обвинители. Во меѓувреме, се уште се чека од годишен одмор да се врати заменичката на Русковска, обвинителката Ивана Трајчева, која би требало да ги прераспредели предметите за Финансиската полиција и за Станицата за технички преглед.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button