МВР: Петмина напаѓачи во црна облека и фантомки го извршиле двојното убиство во Старата скопска чаршија

Вооружените напаѓачи кои вчера вечерта убија две и ранија едно лице во угостителски објект во Старата скопска чаршија биле петмина на број, облечени во црна облека и маскирани со фантомки, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму информираат за уште еден детаљ за кој синоќа имаше повеќе шпекулации, а се однесуваше на локацијата каде што е запалено возилото со кое се претпоставува дека напаѓачите побегнале по крвавиот пир.
Како што информираат од МВР, возилото „ауди а6“ било опожарено на патот кон Горно Оризари.
Телата на двајцата убиени – триесет и седумгодишниот Ј.К. и дваесет и осумгодишниот Е.И., кои од повредите починаа на самото место, по наредба на јавен обвинител се дадени на обдукција.
„На 06.03.2023 во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул. ‘Самоилова’ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител, кој излезе на самото место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20:30 часот било опожарено возило ‘ауди а6’ на патот кон Горно Оризари“, се наведува во соопштението на МВР утрово.
По насоки дадени од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица.