МВР работи на расчистување на инцидентите со знамињата

Полицијата работи на расветлување на инцидентите со палењето на државното и албанското знаме. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сомнева дека инцидентите се изолирани случаи бидејќи сторителите се млади луѓе.
За палење знамиња полицијата досега уапсила 18 лица, од кои 4 се во притвор. Дополнително, поднесени се десетици прекршочни пријави за прекршоци во сообраќајот за време на прославите вечерта на 28 ноември.
Тошковски рече граѓаните да се однесуваат одговорно, бидејќи секој што ќе сквернави каков било симбол на Македонија, но и на која било соседна држава, ќе биде казнети. За ваквите дела е предвидена затворска казна од минимум 1 година.
Палењето на македонското и албанското знаме предизвика бројни реакции во јавноста. Државните претставници и партиите во земјава ги осудија ваквите дела, но како резултат на овие настани се забележува зголемено присуство на говор на омраза кај граѓаните на социјалните мрежи. ВЛЕН обвини дека зад инцидентите со палење знамиња стојат функционери на ДУИ со цел да се дестабилизира државата. Но, од ДУИ ги отфрлија обвинувањата, нарекувајќи ги манипулација.
Суад Бајрами