МВР распиша меѓународна потерница за Љупчо Палевски-Палчо

Министерството за внатрешни работи вечерва распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски, во врска со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. За Палчо е распишана потерница за делата „грабнување“ и „убиство“.
„Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и „убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје“, стои на страницата на МВР покрај фотографијата од Палевски.
Палевски е еден од петмината осомничени за убиството. Како што утрово соопшти и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Палчо ја напуштил Македонија на 30 ноември, заминувајќи за Белград, па од таму за Бугарија.
Истрагата се сомнева дека заминал поради страв дека ќе биде откриен како извршител на убиствата.