МВР се уште не дава детали каде се бегалците Груби, Прпарим Бајрами, Ковачевски
МВР се уште не дава детали каде се бегалците Груби, Прпарим Бајрами, Ковачевски

Ниту по шест месеци од бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби надлежните немаат одговори каде тој се наоѓа и кога ќе биде спроведен пред лицето на правдата. Покрај Груби, со меѓународна потерница со месеци се бара и по ексдиректорот на ЕСМ Васко Ковачевски, како и по поранешниот директор на државна лотарија Пeрпарим Бајрами. Министерот за внатрешни работи не откри дали и какви одговори се добиени од Интерпол кога се во прашања бегствата на овие лица.
“Убеден сум дека при конкретизирање на сите детали поврзани со предметни лица за коишто ми го поставивте прашањето од страна на кој било меѓународен партнер и преземање на конкретни дејствија од страна на МВР. Навремено ќе биде информирана јавноста за тоа дали е постапено или не е постапено во насока на вашето прашање. Сега за сега не би можел да дадам дополнителен одговор”, рече министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
На 17 декември минатата година со дипломатско возило Груби ја напушти државата и се даде во бегство. Надлежните органи неколкупати досега го повикуваа да се врати, но до денеска тоа не се случи. Груби се бара за злоупотреби со тендери во државна лотарија, односно за направена штета од неколку десетици милиони евра. Во меѓувреме, тој заврши и на црната листа на САД поради корупција и мито во предмет поврзан со поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Покрај Груби, за злоупотреби во државна лотарија се бара и поранешниот прв човек на оваа институција, Перпарим Бајрами, за кого неговиот адвокат за Алсат тогаш изјави дека тој не е во бегство туку е иселен од државата. Меѓутоа, до денеска јавноста не знае каде тој се наоѓа, а надлежните органи и натаму трагаат по него. Меѓународна потерница има и по Васко Ковачевски – првоосомничен во случајот „Адитиви“ за изигрување на тендерите при набавка на јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, а тој се сомничи за криминал тежок шест и пол милиони евра. Минатата недела започна и судскиот процес во овој случај, а на Ковачевски кој е во бегство ќе му се суди во отсуство./Алсат.мк
Михаило Донев