МВР трага по Љупчо Палевски, првоосомничениот за убиствата

30-дневен притвор му е определен на првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо за двете грозоморни убиства, на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Притворот ќе биде ефективен во моментот кога Палевски ќе биде достапен на органите на прогонот. Од судот истакнаа дека постои можност тој да влијае врз сведоци или да го повтори кривичното дело.
„Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ“, наведуваат од Кривичен.
Информациите што претходно ги сподели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се дека три дена по грабнувањето и убиството на Вања, односно на 30-ти ноември Палевски заминал за Србија, а од таму за Бугарија. На прашање на Алсат, од бугарската полиција одговорија дека тие немаат информации дека Палевски ја преминал нивната граница.
„До овој момент нема податоци Љупчо Палевски да се наоѓа на територијата на Р. Бугарија“, велат од бугарското МВР.
Додека Палевски се бара со меѓународна потерница за грабнување и убиства, неговите соучесници во грабнувањето на Вања се зад решетки во истражното одделение во затворот во Шутка. Меѓу нив е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој се сомничи дека на Палевски му ги открил деталите за движењето на сопствената ќерка, со цел заедно да изнудат пари од поранешната сопруга, која неодамна продала стан. Тој во првичниот исказ во полицијата негирал вмешаност, а истото го повторил и во денешниот исказ во Обвинителството.
Во затворот во Шутка, во посебни ќелии и разделени од останатите притвореници, остануваат и осомничените за грабнувањето. Тоа се сопартијците на Палевски од партијата „Десна“ кои признаа вина и во полицијата раскажале како се случиле убиствата и грабнувањата. За нив се очекува денеска да биде покрената истрагата и Обвинителството за нив да побара 30-дневен притвор, наспроти актуелниот 48-часовен притвор кој им е одреден, кога случајот се уште беше во предистрага.
Наодите и конечниот извештај од Институтот за медицинска медицина по завршената обдукцијата треба да бидат предадени на надлежниот обвинител. Како што вчера информираше првиот човек на ОЈО – Скопје, Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски биле застрелани само неколку часа по кидапирањето. Оружјето не е пронајдено.
Лука Андреев