МВР: Во ОЈО Куманово е отворен предмет за нелегален погон за преработка на масло
МВР: Во ОЈО Куманово е отворен предмет за нелегален погон за преработка на масло

Погонот што се очекуваше да ги преработува изгорените масла во кумановско Костурник се става под лупа на истражните органи. Една недела по пријавите на жителите во Алсат, се огласи МВР, кое информира дека денеска го доставиле предметот до Основното јавно обвинителство Куманово. Од Секторот за внатрешни работи Куманово се сомневаат и за дејности поврзани со економски криминал.
„Врз основа на оперативни информации што ги добивме, отворен е случај во СВР Куманово. Известувањето е доставено и до Основното јавно обвинителство. Кумановското обвинителство ќе даде упатства како да се постапува по предметот. Утрово полицијата презема мерки за економски криминал во СВР Куманово. Сите релевантни докази ќе бидат собрани и врз основа на нив ќе се преземат понатамошни активности“, велат од МВР.
Од Основното обвинителство Куманово информираат дека се во фаза на прибирање докази за сите дејствија извршени во погонот во Костурник и од инвеститорот и од надлежните органи. Од таму соопштуваат дека се во фаза на разгледување на фактите и прибирање други дополнителни докази. Во меѓувреме од Државниот инспекторат за животна средина велат дека писмената забрана ја доставиле вчера.
„Државниот инспектор за животна средина врз основа на овластувањата од член 198 став 1 точка 7 и во врска со член 200 став 1 точка 9 и 9а од Законот за животна средина изрече ЗАБРАНА за вршење дејност или активност без решение на одобрението на елаборатот за заштита на животната средина издадено од надлежен орган до донесување на решението за одобрување на студијата“, велат од Државен инспекторат за животна средина.
Иако според жителите на Костурник, објектот се гради веќе две години во близина на нивното село, реакцијата на институциите дојде дури откако преку ТВ Алсат беше пренесена нивната загриженост за чад и лоша миризба од фабриката за изгорено масло. По реакциите на институциите, – Министерството за животна средина, локалната власт во Куманово, кои рекоа дека фабриката не може да се легализира, инвеститорот се согласи дека ќе ја повлече инсталираната опрема за преработка на отпадни масла и дека објектот ќе го користи само како магацин за масло.
Аднан Ќаили