На 9 мај, ќе започне судскиот процес за сообраќајната несреќа, а во која го загуби животот Фросина Кулакова од Неготино
На 9 мај, ќе започне судскиот процес за сообраќајната несреќа, а во која го загуби животот Фросина Кулакова од Неготино

За точно четири дена, на 9 мај, ќе започне судскиот процес за сообраќајната несреќа која се случи на 29 јануари годинава, а во која 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино го загуби животот. Станува збор за случај кој од почетокот на годинава ја крена јавноста на нозе, дури и буквално, бидејќи уште пред да се случи судска разврска, се организирани неколку протести во Неготино и Скопје на кои се бараше затвор зад 20-годишниот возач Васил Јованов.
На 29 јануари Јованов без возачка дозвола под дејство на алкохол на црвено светло и на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ смртно ја прегази Кулакова, а овој случај го крена гласот и на многу семејства на жртви во сообраќајни несреќи, кои незадоволни од судски пресуди за сторителите на вакви дела, излегоа на улица. Гневот кај јавноста порасна откако се појави и информацијата дека Јованов во периодот на несреќата требало да биде притвор поради друг случај за поседување на дрога, но судијката Даниела Алексоска Стојаноска наместо тоа му одредила воспитна мерка.
Се појавија и информации дека таткото на Јованов е воено лице кој ја искористил својата позиција и влијаел во одлуката на Алексоска Стојаноска неговиот син да биде ослободен. Преку пресконференција со својот бранител, родителите на Јованов изразија сочувство до загинатата Кулакова и ги демантираа информациите во јавноста дека на каков било начин интервенирале во одлуката на судијката.
Пред само два дена пак, поднесено е обвинение и против таткото на Васил Јованов, кого обвинителството го товари за предизвикување на општа опасност, односно го обвинува деа во период од три години свесно му давал на својот син да управува со возилото Пежо 207, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти. Во случајот со Кулакова пак, на Васил Јованов ќе му се суди за делото „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, што значи дека може да биде осуден до максимални 20 години затвор./Алсат.мк
Михаило Донев