ВЕСТИРЕГИОН

На граничните премини во Косово почна реципроцитетот за регистарски таблички

Косовската полиција започна да ги отстранува регистарските таблички на возилата што влегуваат од Србија, применувајќи ги мерките за реципроцитет, како што српските власти до денес правеа со возилата регистрирани во Косово. Возилата што влегуваат од Србија треба да имаат привремени регистарски таблички на граничните премини на Косово. Властите во Косово на возилата поставуваат привремени регистарски таблички на табличките со српски градови, со што се привремено регистрирани за сообраќај внатре во Косово. Табличките во автомобилите се поставуваат на предното и задното стакло.

Владата на Косово соопшти дека сите возачи со регистарски таблички издадени од Србија, треба да платат пет евра за привремени регистарски таблички и нивната важност е 60 дена. Премиерот на Косово, Албин Курти за време на пленарната сесија рече дека оваа одлука Косово не ја донела доброволно, туку ја наметнала „другата страна“.

„Како премиер на сите граѓани на Косово, ве уверувам дека чекорите преземени денеска од надлежните органи за спроведување на овој договор за слободно движење не се против српските граѓани. Тие во никој случај немаат намера да го повредат правото на слободно движење на српските граѓани или да предизвикаат дестабилизација. Како вчера, денес и утре, српските граѓани ќе се движат слободно, безбедно, заштитени со закон и Уставот на Република Косово“, изјави Курти.

Специјална единица на косовската полиција пристигна и на граничните премини во Јариње и Брњак. Српските граѓани се собраа на граничните премини во северно Косово за да го изразат своето незадоволство од воспоставувањето на реципроцитет во однос на регистарските таблички.

Лидерот на Српската листа, најголемата српска партија во Косово, Горан Ракиќ, рече дека одлуката е насочена против српскиот народ. Тој ги повика луѓето да „не станат жртви на провокации и да не провоцираат“, повикувајќи го српскиот претседател Александар Вучиќ да најде решение. Косово најави воведување мерка за реципроцитет на регистарските таблички, за време на последната рунда дијалог со Србија, со посредство на Европската Унија.

Прашањето за регистарски таблички беше регулирано со Бриселскиот договор за слободно движење, во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој предвидуваше дека сите сопственици на возила кои живеат во Косово, треба да користат регистарски таблички „КС“ (Косово) или „РКС“ (Република Косово) и со тоа да се отстранат од употреба регистарските таблички издадени на Србите во Косово од Министерството за внатрешни работи на Србија.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button