ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На Ковачевски не му се чека Алтернатива, ги прати новите министри во Собрание

На Ковачевски не му се чека Алтернатива, ги прати новите министри во Собрание

Премиерот Димитар Ковачевски до Собранието го достави предлогот за нови министри и заменици во неговиот владин кабинет. Ковачевски не го чекаше одговорот на Алтернатива и нејзините ресори сосема ѝ ги даде на Алијанса за Албанците. Сменети се вкупно четворица министри. Фатмир Меџити е предложен за здравство, Кренар Лога за правда, додека Азир Алиу за Министерство за информатичко општество и администрација, сите тројца од Алијанса. Оваа партија ќе има и двајца заменици-министри. Во одбрана Тирон Јајага, а за земјоделство професорката по литература, Вјолца Бериша. СДСМ го презема Министерството за екологија од ДУИ и наместо Насер Нуредини, во овој ресор е предложена Каја Шукова. Партијата на Ковачевски го добива и заменик-министерот за правда, за кој е предложена Викторија Аврамовска-Мадиќ. Маја Манолева е предложена за заменик во Министерството за здравство. Во меѓувреме, актуелниот заменик-министер за правда од редовите на ДУИ, Агим Нухиу, преминува во Министерството за образование, каде е предложен за заменик на Јетон Шаќири – и двајцата од иста партија. Собранието потврди дека го прифатило предлогот на Ковачевски, но сè уште не е одлучено кога ќе биде закажана седницата за гласање на новите министри и заменици. Откако Ковачевски ја достави листата, од Алијанса за Албанците својот влез во власта го оправдаа со демократизација на општеството во време кога државата се соочува со повеќекратни кризи.

Advertisements

„Дефиниравме пет приоритети поделени во 22 конкретни заложби за кои со сета енергија ќе се ангажираме до крајот на мандатот. Влегувањето на Алијанса за Албанците во Владата се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството во време кога Северна Македонија се соочува со повеќекратни кризи кои сите се одлучувачки за прозападната ориентација на земјата. Алијанса за Албанците презема одговорност како државотворна партија, убедена дека со искреност и чистота, со транспарентност и демократија ќе произведеме вредности и резултати за доброто на граѓаните, за доброто на економијата, демократијата и правдата во Северна Македонија“, велат од Алијанса за Албанците.

За да ги спроведат преземените обврски од Алијанса велат дека ги избрале најдобрите меѓу своите редови за нови министри. Договорот за нивен влез во Владата беше финализиран вчера на средбата меѓу Ковачевски и Таравари.

Кренар Лога – министер за правда

Фатмир Меџити – министер за здравство

Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација

Каја Шукова – министер за животна средина

Тирон Јајага – заменик-министер за одбрана

Викторија Аврамовска-Мадиќ – заменик-министер за правда

Вјолца Бериша – заменик-министер за земјоделство

Маја Манолева – заменик-министер за здравство./Алсат.мк

Мефаил Исмаили

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button