На локалните избори на повидок жестока битка за Скопје, Тетово, Куманово и Кичево

Партиите ги поднесоа листите со кандидати за градоначалници и општински советници. На овие избори, се очекува тешка конкуренција во некои општини. Меѓу нив и за Скопје. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ, поддржан и од ДУИ, ќе се соочи со независната кандидатка Данела Арсовска, која ја доби поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса-Алтернатива.
Во трката за главниот град е и Бени Шаќири, предложен од партиите ДОМ и ЛДП, Ана Петроска од коалицијата на активисти „Хуман зелен град“. Уметникот Петар Георгиевски Камиказа, се кандидира како независен, но е поддржан од партијата „Левица“, адвокатот Александар Тортевски е кандидат на партијата „Твоја“, а поранешен пратеник на НСДП, Љубомир Јосифовски, се кандидира како независен.
Тешка изборна битка се најавува и за Кичево. Актуелниот градоначалник Фатмир Дехари ќе се соочи со внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Фатмир Лимани, кој се кандидира како независен, но ја бара поддршка од албанската опозиција. Ден претходно, албанската опозиција соопшти дека го повлекува кандидатот за градоначалник за да не се дели албанското гласачко тело, а најави поддршка за Лимани. Од македонските партии, ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше Александар Јовановски.
Се очекува да има интересна битка во Тетово. Актуелната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ ќе се соочи со Вулнет Мурсели од Алијанса-Алтернатива, потоа со Биљал Касами од БЕСА, со Сади Беџети од ДПА и со Хамдија Елезовиќ од СДСМ.
Се очекува локална битка и во Куманово. Актуелниот градоначалник Максим Димитриевски ќе се натпреварува како независен, додека СДСМ влегува во трка со Оливер Димитриевски, додека ВМРО со Тони Михајловски.
Во Гостивар се официјализирани кандидатурите на Арбен Таравари од Алијанса-Алтернатива, Невзат Бејта од ДУИ, Фадил Зендели од БЕСА и Ранета Елези од ДПА. Гостивар е општина каде ќе има најмногу кандидати и листи за советници, бидејќи четири партии поднесоа кандидатури, а има 10 кандидатски листи за општинскиот совет.
Во Струга ќе се натпреваруваат Рамиз Мерко од ДУИ, Идри Истрефи од Алијанса за Албанците. СДСМ ќе излезе со Диме Шипинкаровски, а ВМРО-ДПМНЕ нема да има кандидат.
Христијан Мицкоски денеска соопшти дека е уверен во успехот на обединетата опозиција.
Изборната кампања ќе започне на 27 септември и ќе заврши на 15 октомври.
Мефаил Исмаили