На настапот на ДНК имало 650 гости иако дискотеката немала толкав капацитет, се пуштале и малолетници

За време на настапот на музичката група ДНК во кочанската дискотека „Пулс“ имало 650 гости, од кои најмалку 31 биле деца. Ова денеска за медиумите го сподели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој изнесе првични детали околу отворената истрага против 27 физички и три правни лица во врска со пожарот во Кочани.
Иако знаеле дека дискотеката нема услови и капацитет за влез на толкав број на луѓе, едно од осомничените одговорни лица во клубот, заедно со осомничените управители и припадници на обезбедувањето, кобната ноќ овозможиле во клубот да влезат 650 луѓе. Дополнително, еден од осомничените вршел продажба на билети без да води сметка за бројот на гостите и нивната возраст, овозможувајќи влез на малолетници во дискотеката.
„Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК во угостителскиот објект да се внесат и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту, пак, просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства“, додаде Коцевски во излагањето на прес-конференцијата.