На неколку училишта во струшко им се заканува клуч на врата поради малиот број ученици

Неколку училишта во струшко пред затворање, поради драстичниот пад на бројот на ученици вели наставникот Зини Јусуфи. Најкритична е ситуацијата во подалечните рурални средини. Вели дека ваквата ситуација најмногу ќе ја почуствуваат наставниците, особено оние кои предаваат од прво до петто одделение.Тие ќе останат без ученици, поради што некои од нив би можеле да останат и без работа.
„Најдрастично е во училиштата каде еден ден може катанец да им се стави на врата. Училиштето Реџеп Фејза во село Џепин, училиштето Бајрам Шабани во Поум, училиштето во селото Богојци, каде исто така може да му се стави катанец, бидејки нема деца, а нема и жители“, вели Јусуфи.
Во прво одделение во струшките основни училишта во училишните клупи од септември ќе седнат 505 првачиња. Секаде има тренд на намалување. На пример во селото Јабланица, во сите три подрачни училишта има само три првачиња.
„Оваа година во централното основно училиште Нури Мазари во село Делогожда за оваа година имаме само 17 ученици, подобрена е сосотјбата во однос на лани, кога имаше 8. Во Екрем Јакупи во селото Корошишта имаме 12 ученици. Во село Ливада,во училиштето Аки Дика, има само 7 ученици, во селото Џепин нема ниту еден ученици.Во училиштето Бајрам Шабани во селото Поум имаме само еден ученик запишан оваа учебна година“, додава Јусуфи.
Ситуацијата е подобра во училиштето Браќа Миладиновци. Директорката Албана Жута вели дека заминувања има, но оти училиштето останува со речиси истиот број на ученици.
„Годинава имаме околу 80 ученици во прво одделение, вклучувајќи го и подрачното училиште Калишта. За разлика од лани кога имавме 76 ученици, без Калишта, па со Калишта бројката останува иста. Со оглед на тоа што се работи за градско училиште, а има прилив од селата, особено родители кои работат во градот, полесно им е да ги земат децата и да ги донесат, па бројката не е намалена. Ова е повидливо во поруралните средини во селата“, изјави Жута.
За повеќе од 60 % е намален бројот на ученици во струшко. На пример во селото Корошишта, вкупниот број на ученици бил 615, а сега е само 105.
Мики Трајковски