На петти мај стартува судењето за аферата „Пасоши“

Раиф Мифтари, посредникот во аферата пасоши, сѐ уште е недостапен. Полицијата го бара, а активна е и меѓународна потерница за него. МВР не открива дали имаат индиции, каде би можело да се крие и дали тој воопшто ја напуштил земјава кога одлучил да бега. Кусо соопштија дека нема промена од кога објавија дека Мифтари се бара и со меѓународна потерница. Во меѓувреме истрагата за издавањето македонски пасоши со лажни идентитети заврши. На петти мај е закажано судење а на обвинителна клупа треба да седнат 11 лица. Шест од осомничените се во притвор, за тројца определени се мерки на претпазливост, едно лице е веќе во Шутка поради малверзации со издавање возачки доволи а Мифтари засега е во бегство. Обвинителството на 14 – ти април го поднесе обвинението но и посочи дека продолжува да истражува дали во издавањето пасоши се инволвирани и други лица.
„Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Па така, обвинител до МВР издаде наредба за да се утврди кои лица во организационите единици на МВР за издавање пасоши, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период“, велат од Обвинителството.
Акцијата „Двојник“ полицијата ја спроведе минатиот месец. Осомничените издале над 200 пасоши на странски државјани со криминално минато. МВР тогаш соопшти дека истрагата за овој случај траела повеќе од една година а освен нашата полиција, вклучен бил и Интерпол како и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при американската амбасада. Еден ден пред полицијата да започне да апси службеници во МВР кои ги изработувале лажните пасоши, ВМРО – ДПМНЕ објави случај кој го нарече „Мафија“. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски презентираше фотографии од лица од подземјето кои добиле македонски патни исправи. Меѓу нив е Јован Вукотиќ шеф на „Шкаљарскиот клан“ кој добил идентитет Ѓорѓи Наумов, додека Седат Пекер шеф на турската мафија добил пасош со име Џадин Адемовски. Според полицијата, лажен пасош чинел 20 илјади евра.
Бојан Стојановски