На пиштолџијата од Скендербег 8 денови притвор
На пиштолџијата од Скендербег 8 денови притвор

Jусуф Енузи, кој е осомничен дека употребил огнено оружје за време на инцидентот на плоштадот Скендербег на 6 јули, за да ја брка толпата демонстранти против францускиот предлог, доби 8 дена притвор.
Енузи е осомничен за кривичното дело „предизвикување на општа опасност“, казниво со затвор до 5 години. Обвинителството и полицијата соопштија дека осомничениот го поседувал оружјето со дозвола. Мерката притвор е одредена и за уште двајца демонстранти кои ги нападнаа полицијата и Собранието.
Јане Смилевски, 18-годишен скопјанец, кој наводно подготвил молотови коктели на 5 јули и ги фрлил кон полицијата и зградата на Собранието и за Горазд Конески (22), исто така скопјанец, кој е осомничен дека за време на протестот донел вреќа со камења и тврди предмети со кои насилните демонстранти фрлале и повредиле полицајци.
Во меѓувреме, Обвинителството постапува и против уште 8 лица на возраст од 18 до 36 години, осомничени за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ поврзано со протестот од 5 јули.
Во шестдневните протести пред Владата, Министерството за надворешни работи и Собранието, полицијата уапси 12 лица, притоа најавувајќи дека работи на идентификување и на други.
Вкупно деновиве повредени се повеќе од 50 полицајци, а еден од нив се здобил со посериозни повреди.
Бирото за јавна безбедност оцени дека ризикот од насилни протести е сè уште присутен и затоа ја смени траекторијата на движењето на демонстрантите, елиминирајќи ја можноста за меѓуетнички конфликти како оној на плоштадот Скендербег.
Насилствата од 5 јули и инцидентот од следниот ден предизвикаа партиски реакции кои апелираа протестите да бидат мирни, демократски и да се избегне каква било ескалација. Како организатори се јавуваат група граѓани, а поддржани се од ВМРО и Левица.
Адријан Керими