На полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и за советници

Вечерва на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и листи за советници до Државната изборна комисија. Иако официјалната кампања сè уште не е започната, политичките партии веќе ги објавија своите кандидатури за сите општини. Во повеќето општини се очекува да има жестока конкуренција меѓу власта и опозицијата.
За град Скопје се формализирани најмалку шест кандидати, меѓу кои актуелниот градоначалник, Петре Шилегов, од СДСМ, потоа Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса – Алтернатива, Ана Петроска од коалицијата на активисти „Зелен хуман град“. Актерот Петар Георгиевски Камиказа, се кандидира како независен, но има поддршка од „Левица“, адвокатот Александар Тортевски е кандидат на „Твоја партија“ и поранешниот пратеник од НСДП, Љубомир Јосифовски.
За Тетово ќе се натпреваруваат Теута Арифи од ДУИ, Вулнет Мурсели од Алијанса за Албанците, Биљал Касами од БЕСА и Хамдија Елезовиќ од СДСМ. Во Гостивар Арбен Таравари од Алијанса, Невзат Бејта како кандидат на ДУИ и Фадил Зендели како кандидат на БЕСА. Се очекува жестока битка и за Куманово, каде СДСМ ќе оди со Оливер Димитриевски, а ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше актерот Тони Михајловски. Актуелниот градоначалник Максим Димитриевски не ја доби поддршката од својата партија СДСМ и се кандидираше како независен. Денеска тој обвини дека СДСМ им се заканува на неговите поддржувачи и на вработените во администрацијата.
Интересна ќе биде и трката во Кичево, каде што е официјализирана кандидатурата на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ, но тука е и независниот кандидат Фатмир Лимани. Од македонските партии само ВМРО-ДПНЕ ќе излезе со свој кандидат за Кичево, тоа е Александар Јовановски. Од Алтернатива информираа дека нивниот кандидат Мазлам Османи ќе се повлече за да не се дели албанскиот глас.
„Сепак, денеска кога се поднесуваат кандидатурите, ние сме тука да кажеме дека не можеме да направиме никаква акција што може да биде на штета на Албанците. Ние сметаме дека Кичево е вага на нашата национална свест. Иако поделбата на гласовите почна откако ДУИ инсистираше да излезе со партиски кандидат и да го продаде тоа дека е во име на нацијата, ние не сакаме да бидеме актери нвотемата за поделба на албанскиот глас“, рече Нурџан Асановска, Портпарол на Алтернатива.
Во Струга ќе се натпреваруваат Рамиз Мерко од ДУИ и Идриз Истрефи од Алијанса. СДСМ го кандидира Шипинкаровски, а ВМРО нема да има свој кандидат. Откако вечерва ќе бидат доставени кандидатурите за градоначалници и советници, листите ќе се објават на веб-страницата на ДИК и ќе бидат објавени од избирачките одбори. Кампањата за локалните избори на 17 октомври, ќе почне на 27 септември, а ќе заврши на 15 октомври.
Мефаил Исмаили