На Шапка главните проблеми остануваат сѐ уште нерешени

Иако се направени одредени подобрувања во инфраструктурата на скијачките патеки, и осветлувањето, Попова Шапка и оваа сезона ќе се отвори со старите проблеми. Немањето нови паркинг места ќе биде предизвик и во оваа туристичка сезона. Директорот на Елем Турс, кој раководи со Попова Шапка, рече дека привремено решение ќе биде пуштањето во употреба на комбиња и автобуси кои ќе превезуваат посетители.
„… капацитетот за паркирање во Попова Шапка се зголемува на над 300 автомобили. Не значи дека го решивме проблемот, туку овозможивме и за дополнителни 300 автомобили. Бидејќи главно за време на викендите имаме повеќе редици автомобили, ќе организираме тие туристи да бидат превезени со наши возила до центарот овде, така што ќе има бесплатни автобуси за сите туристи“, вели Адем Авзиу, директор на Елем Турс.
Инфраструктурата во населбата е крајно оштетена и без осветлување. Министерот за економија Крешник Бектеши го повика градоначалникот на Тетово Билал Касами да соработува за решавање на овој проблем .
„Неколку пати разговаравме за ова прашање со претходното раководство на општината и стигнавме до финалната фаза да ги реализираме инфраструктурните проблеми кај викендиците или подобрувањето на јавното осветлување, но и зголемувањето на капацитетите за паркирање. Го повикувам актуелниот прв човек на општината, господинот Касами, да ја продлабочи соработката со централните институции, било за овие проекти или зошто да не и за привлекување туристи со инвестиции“, изјави Бектеши.
Овогодинешната скијачка сезона се очекува да биде отворена на 15 декември. Инаку, годинава за прв пат ќе бидат осветлени сите скијачки патеки, а додадени се јавни тоалети и нови бараки за уличните продавачи. Првите два дена, со отворањето на новата скијачка сезона, скијањето ќе биде бесплатно за сите посетители.
Башким Сулејмани