На сопствен ризик! Дуќанчиите во Охрид ги отворија продавниците во недела

Во охридската чаршија вчера речиси сите дуќани беа отворени и покрај тоа што во Собранието сѐ уште не се донесени измените на законот за недела неработен ден, со кои дуќаните во туристичките центри треба да бидат изземени. Дуќанџиите не сакаа јавно да зборуваат, само ни рекоа дека работат на сопствен ризик, и оти се надеваат дека што побргу ќе им се овозмжи да работат без проблем. Од ССМ велат дека не ги подржуваат измените.
„И оние работници за кои имавме информација дека работат во недела и добиваат 250% дневница, се изјаснија дека не сакаат да работат во недела. Ако е недела не работен ден по традиција во било која држава сакаат и нашите работници да одмараат и да имаат семеен живот“, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.
Дуќанџиите неодамна рекоа дека ја имале подршката од сите политички партии во парламентот, но зошто и каде е заглавен законот, сега немаат информации, иако барањето го поднеле уште на 22 февруари.
„Не можеме да поделиме плати, неможиме да поделиме ќирии и затоа ги замолуваме државните институции, малку инфузија да ни дадат, да ни дозволат да работиме“, вели Соња Јосифоска, сопственичка на дуќан.
Слична е состојбата и во Струга. И тамошните дуќанџии бараат да работат и во недела.
Мики Трајковски