На судењето за Монструм, адвокатите на одбраната доставија нови докази


Alsat
26.08.2020 15:36
Адвокатите на обвинетите во случајот „Монструм“ доставија околу 20 нови вербални и материјални докази до Кривичниот суд, за докажување на невиноста нивните клиенти. Недостатоци во форензичкото вештачење на МВР во лабораторискиот извештај за земјата пронајдена во автомобилот, со кој според обвинителството се тврдеше дека избегале извршителите на убиството, според одбраната зборува за монтирање на овој случај. За возилото Опел Омега сведочеше шефот на секторот за надзор на места на настани во СВР Скопје, Горан Милошевски. Тој ја разјасни поврзаноста на настанот со автомобилот, пронајден во Вражји вир, иако вели дека воопшто не го видел возилото.
„На 13 април бев на работа од 07:00 до 15:00 часот. Не сум добил никакво известување од никого дека е пронајден автомобил во Вражји вир. Бев известен од мојот претпоставен Владо Мирчевски дека во Вражји вир со сигурност било пронајдено возило поврзано со настанот од 12 април“, изјави Горан Милошевски, сведок.
Во списокот со докази предложени за следните рочишта, меѓу другото, одбраната побара сведочење на Миле Јанакиевски, за разговорот со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
„Повеќе нè интересира лицето каде е пријавен овој случај и првиот што го пријавил. Според доказите, има повеќе луѓе кои го пријавиле овој морбиден случај, но треба да знаеме кој прв го пријави и кој е тој што го поврзал овој автомобил со ова злосторство. Ова е суштината зошто да се алудира на овој автомобил, знаете дека на 13 – ти, практично следниот ден, некој пријавил дека има напуштен автомобил, наводно како да знаел дека точно автомобилот има врска со споменатиот случај“, нагласи Насер Рауфи, адвокат на обвинетите.
Адвокатката на роднините на убиените на Смилковско езеро рече дека ништо не е извлечено од денешното сведочење.
Халил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, како и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Лута, се обвинети за петкратното убиство на 12 април 2012 година. Судскиот процес во овој случај го водат судиското дуо Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го претставуваат обвинителите Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи. Следното рочиште е закажано за 31 август.
Аднан Ќаили