Над 4.500 лица утре ќе имаат можност да се вратат пред гласачките кутии
Над 4.500 лица утре ќе имаат можност да се вратат пред гласачките кутии

Право на глас ќе имаат 4514 лица во среда, при прегласувањето во две избирачки единици, во седум избирачки места. Во петтата ИЕ ќе има прегласување во шест избирачки места, едно во Струга, едно во Охрид, две во Крушево и две во Долнени додека во шестата ИЕ ќе има прегласување во едно избирачко место во Желино..
Бујар Сулејмани од Општинската изборна комисија Желино вели дека изборниот материјал е веќе испратен до избирачкото место.
„Досега го делевме материјалот како што налага правилото. Денеска гласаат четворица кои се претставија како болни и изнемоштени. Материјалот е доставен до избирачкиот совет 2101 и утре ќе биде денот кога граѓаните ќе го остварат своето избирачко право. Нема затвореници. Гласачкото тело во ова избирачко место е вкупно 993 додека на последните избори излезноста беше некаде околу 55 проценти“, рече Бујар Сулејмани- претседател на општинската изборна комисија, Желино.
118 новоизбрани пратеници добија уверенија. ДИК им ги додели откако беа избрани на парламентарните избори на 8 мај, а резултатите од гласањето не беа оспорени во жалбена постапка и станаа конечни. Два пратенички мандати ќе бидат утврдени со утрешното гласање на 7 избирачки места.
Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, целиот изборен процес за претседателските и парламентарните избори го оцени како транспарентен и согласно роковите и законските одредби.
Прегласувањето се врши со одлука на ДИК која ги прифати приговорите за изборни нерегуларности, одлука која подоцна ја потврди и Управниот суд. Со ова се очекува да бидат потврдени и последните двајца пратеници, по еден за секоја ИЕ.