
Пеколната жештина која ја зафати земјава најмногу ги погодува лицата со хронични болести и оние со висок крвен притисок. Денеска Брзата помош во Скопје интервенирала во еден случај како последица од топлината, додека вчера седум лица побарале помош на јавни места поради влошена здравствена состојба. Граѓаните велат дека дури и во најжешките денови мора да работат. Се жалат дека во Скопје е тешко да се најде сенка за освежување.
„Нормално, треба да се почитува затоа што има луѓе со болести и тие треба малку да го избегнуваат сонцето… Јас досега немам никакви болки и добро се справувам. Секако, пијам повеќе вода, минимум два литра вода мора да се испијат на ден, зашто времето е многу жешко“, вели еден граѓанин.
„Во најсилното сонце работиме, кога е најсилно сонцето – ние работиме, зашто без работа – нема ништо. На ниви, на полиња, тука кај сладоледите… Во четири наутро стануваме и се молиме сабајлечка молитва, потоа одиме на работа на ниви додека има свежина, потоа доаѓаме овде и тука исто така има свежина – така што Бог е голем“, додава еден граѓанин.
Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира лицата над 65 години да избегнуваат престој на сонце за време на високи дневни температури.
„Од постарите лица се бара да избегнуваат изложеност на сонце, како и работа на отворено помеѓу 11:00 и 17:00 часот. Оваа група луѓе е најмногу изложена на здравствени проблеми поврзани со топлината. Поради потешкото прилагодување на температурните промени, тие имаат поголема веројатност да имаат хронични здравствени состојби, па затоа треба редовно да ја користат својата терапија за телото нормално да реагира на топлината“, велат од ИЈЗ.
За сите кои не ја почитуваат одлуката на владата за запирање на градежни работи од 11 до 17 часот, министерот за економија вели дека ќе има казни.
„Пазарниот инспекторат е на терен, врши контроли дали се почитува одлуката на владата, инспекторите ќе постапуваат според законските одредби што ги имаат“, рече Бесар Дурмиши, министер за економија.
Пеколната жештина ќе продолжи и во наредните денови, надлежните институции апелираат граѓаните да не излегуваат без потреба. Во меѓувреме, метеоролозите најавуваат многу суво и топло лето.
Линда Ебиби