Надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство

На претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот Димитар Апасиев му е укажано дека веќе закажаната расправа, согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не може да продолжи под тие околности, информираат за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.
– Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го разгледа предметот за надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ закажана за 25 февруари 2025 година и на 17 февруари заклучи дека не се почитувани процедуралните правила. Следствено, на 19 февруари, претседателот го информираше г. Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности. Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство, соопштија за МИА од Кабинетот на Гаши.
Собраниската Комисија за здравство денеска веќе ги почна подготовките за надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето. Договорено е в петок (28 февруари) Комисијата да ја има првата седница на која пратениците, членови на ова собраниско тело ќе расправаат за надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето, а до понеделник (3 март) ќе треба да достават предлог листи со учесници на надзорната расправа.