„Нафтени компании“, УЈП ги чека истражните органи
„Нафтени компании“, УЈП ги чека истражните органи

УЈП ја чека реакцијата на истражните органи и финансиската полиција. По спречувањето на финансиски криминал од 2,6 милиони евра од три компании, кои се обидоа преку фиктивни фактури да извлечат корист од враќањето на ДДВ во последните три години, од УЈП велат дека сега чекаат реакција од Обвинителството против организиран криминал и корупција и Финансиската полиција. Три нафтени комапнии, според директорката на УЈП, Сања Лукаревска, презентирале фиктивни фактури наводно за промет со нафта, а немале ниту лиценца од РКЕ, ниту продажни места за малопродажба на гориво, ниту магацини со резервоари или акции за продажба на големопродажни горива.
Од Управата за јавни приходи велат дека предметот бил предаден на Обвинителството пред два месеца. На нашето прашање упатено до овој истражен орган, не добивме прецизен одговор.
„На почетокот на оваа година сме во неред, бидејќи нашата институција се сели во нови простории и во нашите канцеларии немаме интернет пристап до мрежата за да го провериме случајот дали е доставен од УЈП. Сè уште немаме одговор од надлежните обвинители дали го разгледале предметот“, велат од Обвинителство против организиран криминал и корупција.
Од Финансиската полиција, велат дека преземаат мерки и активности во врска со утврдување на сомнежи за сторени казнени дела.
„Сите дејствија преземени во предистражната постапка, по член 289 од Законот за кривичната постапка, се сметаат за тајна. За извршените ревизии Финансиската полиција, го доставува соодветниот поднесок во писмена форма до надлежниот јавен обвинител“, велат од Финансиска полиција.
УЈП, веќе 6 месеци вршела контроли за овие три компании, кои се од регионот на Липково и Куманово./Алсат.мк
Аднан Ќаили